|
Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), на денешната прес-конференција го објавија четвртиот квартален извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ. Извештајот претставува хоризонтален пресек на постигнувањата во процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија, во периодот октомври- декември 2009 година.
Анализата покажа дека Собранието на Република Македонија, во текот на 2009 година, донесе вкупно 184 закони, од кои само 49 се со „европско знаменце“ и се предвидени со Националната програма за преземање на европското законодавство (НПАА) за 2009 година, како и дека голем број закони се донесувани по двапати, односно 18 закони се менувани по два или три пати и Собранието за нив расправало дури 39 пати. Оваа бројка укажува на проблеми во работата на Собранието кога станува збор за донесувањето закони, и го наметнува прашањето за тоа дали пратениците си ја извршуваат доволно добро работата за која се избрани и платени од граѓаните.
Проблем претставува и големиот број закони кои паѓаат на Уставен суд, што го доведува во прашање квалитетот на работата на Секретаријатот за законодавство, институција која задолжително треба да биде вклучена во процесот на донесување закони и оценка на нивната уставност. Слабиот капацитет на Владата за подготвување нацрт-закони се забележува и во изработката на националните програми за преземање на европското законодавство во последните две години. Првата забелешка се однесува на недоследноста на НПАА со приоритетите кои се зацртани во Пристапното партнерство, како на пример во делот за образование и култура. Наместо да обезбеди акредитација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) уште во 2008 (како што беше првичниот план), Владата упорно ја одложува акредитацијата и според најновите документи ја планира дури за 2011 година. Во последно време актуелно е разрешувањето на Управниот одбор и Директорот на НАЕОПМ поради злоупотреба на 260.000€ европски пари што веројатно уште повеќе ќе го отежне процесот на акредитација. Недобивањето на акредитација за оваа агенција значи оневзможување Македонија целосно да учествува и да ги користи европските фондови од програмите Доживотно учење и Младите во акција.
Исто така, со НПАА 2010 се изоставени 7 закони кои беа предвидени со НПАА 2009, а пак, некои од законите се пресликани во НПАА 2010, но со рокови за донесување во 2011 и 2012, што укажува на неконзистентност во најважните стратегиски документи на Владата. За многу од законите однапред е предвидена скратена постапка, што е во најмала рака чудно затоа што има сосема доволно време за нивно донесување.
Многу често во планирањето на НПАА се предвидуваат значајни закони без претходно да бидат донесени стратегии и политики во тие области. Така на пример, со НПАА 2010 во Поглавјето 30 - Надворешни односи, предвидено е донесување на Закон за спроведување на развојната политика, со рок до декември 2012, а притоа никаде нема предвидено стратегија за развојна помош. Од друга страна, пак, во НПАА 2009 предвидено беше донесувањето на оваа стратегија со рок до декември 2013 година. Повеќе од јасно е дека Владата процесот на изготвување на НПАА го гледа единствено како техничка операција, при што се што со претходниот документ на НПАА излегува од зацртаната временска рамка на новиот не го зема предвид. Суштината е тоа дека планирајќи на овој начин Владата и Собранието „остваруваат“ на европската агенда без притоа да водат сметка со која цел и за каква намена ги носат законите и нивните измени. Ова значи дека Владата и Собранието не разбираат што значи политика и дека законите се само инструмент за реализација на политиките, а не обратно.
Во поглед на вклучувањето на граѓанскиот сектор во процесот на планирање на НПАА, анализата пожа дека во составот на сите 33 работни групи се вклучени само четири организации: Здружението на судии, Здружението на јавни обвинители Институтот на овластени ревизори и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), која меѓу другото е несреќно сместена во Поглавјето 27 - Животна средина во делот за заштита на водите.
Оваа анализа покажа дека треба да се направат сериозни промени во водењето на европските интеграции, од тоа како се планираат стратегиските документи, како се подготвуваат и донесуваат законите, до тоа како е вклучено целото општество во процесот на приближување кон ЕУ. Основен предуслов за напредок во интеграцијата на Македонија во ЕУ е решавањето на спорот за името со Грција, што мора да се случи најдоцна до јуни 2010 година.
За да не ни се случи на крајот на 2010 година да донесеме само ¼ од европските закони и за да направиме квалитативен исчекор во следната фаза на европската интеграција треба, меѓу другото, да се преземат и следниве активности:
- Владата мора да го испорача ветениот акциски план за надминување на забелешките од Извештајот на ЕК за 2009;
- Тежиштето на работата на Владата и Собранието, во 2010 година да биде врз изготвување и донесување на законите кои имаат европски предзнак;
- Владата да изготви правилник со минимум стандарди за консултации во кој ќе се предвидат критериумите за вклучување на засегнатите страни, временската рамка за консултации, формите на консултирање и да обезбеди пристап до сите забелешки и предлози доставени во процесот на консултација;
- Министерствата треба редовно да ги објавуваат работните верзии на законите на своите веб страници и во електронскиот регистар на правни прописи;
- Владата треба под итно да го ревидира составот на 33-те работни групи по поглавја и во нив да вклучи претставници на заинтересирани страни, по пат на отворен конкурс и со јасно дефинирани критериуми;
- Собранието и неговите работни тела да организираат јавни расправи по сите европски закони и при тоа да ги вклучат засегнатите страни;
- Секретаријатот за европски прашања треба да ја подобри НПАА 2010 со тоа што ќе обезбеди конзистентност на документот со Пристапното партнерство и останатите стратегиски документи (национални и на ЕУ), да ги вклучи испуштените закони од НПАА 2009 и да ја напушти практиката на планирање и донесување закони по скратена постапка.
|