|
Во средата, на 28-ти октомври, во хотелот „Холидеј Ин“, Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата институт отворено општество – Македонија ја организираа конференцијата „Лисабон – Скопје – Атина“ посветена на следните чекори на Македонија во процесот на европските интеграции, до каде сме и што не очекува.
Конференција ја отворија г-динот Андреја Стојковски, Претседателот на МЦЕО и Неговата Екселенција, г-динот Ерван Фуере, Шеф на Мисијата на Европската унија во Република Македонија.
Конференција беше поделена на две сесии. На првата сесија, насловена „Каде сме сега и што нé очекува?“ говореа г-динот Васко Наумовски, Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија, г-ѓа Радмила Шеќеринска-Јанковска, Претседател на Националниот совет за европски интеграции, г-динот Падар О’Броин, аналитичар од Ирскиот институт за европски прашања од Даблин и г-динот Владимир Милчин, Извршниот директор на Фондацијата институт отворено општество – Македонија.
Во втората сесија, насловена „Платформа за пристапните препораки“ говореа г-динот Драган Тилев, Државен советник во Секретаријатот за европски прашања, г-ѓа Зузана Лисинова, аналитичар од Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава и г-ѓата Лидија Димова, Извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.
Како заклучоци и препораки од конференцијата може да се истакнат пораките кон Владата за побрзо да изнајде решение за дипломатскиот спор со Грција, да се консултира со граѓанското општество во процесот на пристапување во Унија, Владата да почне да ги согледува и прифаќа проблемите, бидејќи тоа е првиот чекор од нивното решавање и да продолжат реформите кои ја приближуваат Македонија до ЕУ. |