|
Friday, 09 October 2009 13:51 |
|
Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), го објавија денеска, 7 октомври 2009, третиот Извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, изработен во рамки на проектот Accession Watch.
Овој Извештај го анализира процесот на исполнување на клучните приоритети од Пристапното партнерство, од страна на Владата на Република Македонија, како и работата на Собранието на Република Македонија при донесувањето на законите предвидени за исполнување на реперите, во периодот од 1 јули до 30 септември 2009 година. Од анализата на 8+1 репери може да се констатира дека Македонија, конечно, успеа да ги исполни обврските што и беа зададени од страна на Европската комисија во март 2008 година. Реално е да се очекува дека Извештајот за напредокот на Република Македонија во октомври 2009 година ќе содржи препорака за почеток на преговори. Анализата покажува дека во последните два-три месеца, институциите направиле дополнителни напори и ја интензивирале работата во насока на исполнување на реперите заради добивање позитивен извештај од ЕК. Сепак, ваквото кампањско спроведување на реформите, реално не ја постигнува вистинската цел. Последниве случувања на план на целосното исполнување на реперите неминовно го наметнуваат прашањето на квалитет и квантитет на реформите, односно какви решенија се носат и со која процедура, и кое е темпото со кое се спроведуваат обврските кои произлегуваат од Пристапното партнерство што Република Македонија го има со Европската унија, се оценува во Извештајот.
Трет извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ |