|
Friday, 02 October 2009 13:30 |
На 29 септември граѓаните на Кичево имаа можност да учествуваат во дебатните и информативни сесии, во рамките на „Акцијата за Европа“. На дебатата „Со нашите пријатели поблиску до ЕУ“, граѓаните се сретнаа со германската амбасадорка, Улрике Марија Кноц и со претставничката од „Институтот за европски политики“ од Берлин, Катрин Ботгер. На дебатата учествуваа и претседателот на Советот на Општина Кичево, Ѓорѓија Сајкоски, Наташа Јованова од Македонскиот центар за европско образование – МЦЕО и Фани Каранфилова Пановска од ФИООМ.
Амбасадорката Кноц потсети на традиционално добрите односи меѓу Македонија и Германија. Таа смета дека Македонија се движи во добра насока во однос на евроинтергациските процеси и се надева на позитивен извештај од Европската комисија. Кноц посебно се осврна на исполнувањето на критериумите како услов за влез во ЕУ. Како што рече таа, тоа не се било кои и било какви критериуми. Станува збор Копенхагенските критериуми кои се договорени од сите 27 држави членки на Унијата. Според неа, Македонија треба да се фокусира на неколку клучни бласти: владеење на правото, независни медиуми, независно и ефикасно судство, непартизирана и ефикасна јавна администрација. Амбасадорката Кноц, исто така, ја нагласи и улогата на силното граѓанско општество и индивидуалното вклучување и поддршка од граѓаните, во процесот на пристапување. Катрин Ботгер од „Институтот за европски политики“ зборуваше за искуствата на Германија во процесот на проширување на Унијата. Според Ботгер, германските граѓани и политичките партии не престанале да го поддржуваат проширувањето и во клучните моменти-спојувањето на двете германски држави и големото источноевропско проширување. Иако поддршката на населението е малку намалена, сепак, Германија силно стои зад идејата дека ЕУ треба да се прошири со државите од Западен Балкан. Како паралела на македонските искуства и проблеми со соседните држави, Катрин Ботгер се осврна на германското искуство во надминувањето на проблемот со долгогодишниот анимозитет меѓу Германија и Полска, посебно за прашањето на протераните Германци од полски територии. Ботгер смета дека заедничкото живеење во Унијата помогнало во градењето на меѓусебна доверба и надминување на недоразбирањата. Таа, исто така, се осврна и на германско – данските односи од аспект на етничките малцинства во двете држави. Проблемите со правата на етничките Германци во Данска и обратно, правата на етничките Данци во Германија, се минато благодарение на ЕУ. Третиот циклус настани од проектот „Акција за Европа“, насловен како „МК@EU“ го реализираат Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ), Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Младинскиот образовен форум (МОФ). |